Платформата Радар за иновации на Европската комисија (https://www.innoradar.eu/) ги препозна и ги оцени четирите софтверски производи (платформи) од проектот ТРИНИТИ (H2020) како иновации. Една од иновациите развиени во проектот ТРИНИТИ (H2020) и категоризирана како иновација со пазарен потенцијал подготвен за бизнис, високо го позиционира  Техничкиот факултет – Битола како еден од партнерите во проектот, посветен на зголемено учество на чистите енергии во производството на електрична енергија

Ова претставува голем успех и за координаторот на проектот, проф. д-р Методија Атанасовски и неговиот тим во ТРИНИТИ, за Техничкиот факултет – Битола и за УКЛО.

Станува збор за иновацијата: Напредна платформа зауправување и планирање наменета за менаџери (оператори) на електрични централи од обновливи извори на енергија, со пазарна зрелост на иновации: подготвена за бизнис и иновациски потенцијал за создавање умерен пазар.

Во анализата, Радарот  за иновации ги идентиификува и партнерите во проектот, вклучувајќи го  и Универзитетот „Св. Климент Охридски”– Битола како клучен иноватор/ KeyInnovator (https://www.innoradar.eu/innovator/998930833) во развојот на оваа иновација, заедно со Институтот за комуникации и компјутерски системи од Атина и шпанската технолошко развојна фирма ETRA INVESTIGACION Y DESARROLLO SA (https://www.grupoetra.com/).

Професорот Методија Атанасовски, оценува дека со вклучување на академски кадар, млади истражувачи – студенти на втор циклус студии во проектот, овозможена е дисеминација на теоријата, алгоритмите и тестирањето на софтверските решенија преку публикација на трудови во списанија, трудови на конференции, организирање на работилници на национално, регионално ниво, како и пред релевантни Европски институции.

Воедно, TRINITY е одлична можност за УКЛО за зголемување на истражувачкото портфолио, вклучување на академски кадар и млади истражувачи во state of the art проблемите во електроенергетските системи, практична соработка со преносните систем оператори и производители на електрична енергија од обновливи извори. Проектот воедно овозможи вмрежување и соработка на Универзитетот со други истражувачки институции и консултантски куќи од Европа.

Проектот со акроним Тројство или H2020ТРИНИТИ (http://trinityh2020.eu/) е посветен на зајакнување на преносниот систем во регионални граници со користење на интелигентна пазарна технологија. Целта на проектот е посветена на развивање софтверски решенија за зајакнување на соработката помеѓу преносните систем-оператори на Југоисточна Европа и поддршка на интегрирањето на пазарите на електрична енергија во регионот со промоција на зголеменото учество на чистите енергии во производството на електрична енергија.

Со ова Република Северна Македонија, УКЛО, Технички факултет-Битола и градот Битола се лоцирани на мапата на иновации финансирани од ЕУ.