Ева Нешкоска, студентка на Педагошкиот факултет во Битола е најдобриот оратор на натпреварот УКЛО ТРИВИУМ 2024, организиран од  УСС УКЛО што се одржа под боите на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС. 

Второто место го освои Антонио Чоневски, студент на втор циклус студии на Педагошкиот факултет, а трето место му припадна на Дарко Трпковски од Правниот факултет на УКЛО.
Ораторите говореа на слободна тема и имаа можност да ги искажат своите мислења и ставови по прашања кои ги сметаат за важни за нив и за општеството воопшто.
Ректорот, проф. д-р Игор  Неделковски посебно се осварна на важноста од познавањето на ораторската умешност и им порача на студентите дека ораторството  е битна вештина за да ги изразат своите ставови и да се слушне нивниот глас.
И лидерот на студентите, Борис Гушевски, ги охрабри колегите да учествуваат во сите активности кои Универзитетското студентско собрание ги организира и особено  многуте што следуваат, а оваа година ги има многу и се осветлени од боите на Алијансата КОЛОРС.
Жирито во состав: проф. д-р Виолета Јанушева, проф. д-р Билјана Граматкоски од Педагошкиот факултет и м-р Александар Тодоровски од Ректоратот на УКЛО за сите учесници доделија пофалници, а најдобрите се закитија со дипломи и парични награди.
Натпреварот со внимание и поддршка го следеа претставници од менаџментот на УКЛО, меѓу кои проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска  и претседателот на Универзитетскиот сенат, проф. д-р Николче Јанкуловски.
Во рамки на настанот што се одржа во Кино ,,Манаки“,  вон. проф. д-р Tатјана Блажевска од Технолошко-техничкиот факултет – Велес одржа предавање на тема 
,,Правилниот начин на исхрана како форма на самопочит“. 
Целокупната програма што се одржа на 22 април 2024 г. беше збогатена со музички изведби од ученици од Државното музичко училиште во Битола.