Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во првите работни активности ја вклучи средбата со претставници од државните универзитети.

На состанокот на 13 мај 2024 г. на којашто присуствуваа ректори и проректори, УКЛО го претставуваше проректорот за финансии и развој, проф. д-р Јове Димитрија Талевски. Во друштво со колегите од другите универзитети меѓу кои: ректорите, проф. д-р Биљана Ангелова, проф. д-р Јусуф Зејнели, проф. д-р Дејан Мираковски и проректорот проф. д-р Беким Фетаји, остварена е срдечна комуникација на којашто се упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и воедно, изразени се взаемните очекувања за идна успешна соработка.

На првата официјална средба со претседателката Сиљановска Давкова разменети се и мислења за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.

Посочена е и  потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.

Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката Давкова ја посочила нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе. Воедно, нагласена е заложбата за поттикнување на научно- истражувачката дејност затоа што високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде врвен приоритет.