Заради заштита на правата на студентите на секој универзитет се избира студентски правобранител, од редот на редовните студенти на универзитетот. Студентскиот правобранител се избира од Сенатот на Универзитетот, со мнозинство гласови на членовите на Сенатот на Универзитетот, на предлог на Универзитетското студентско собрание на претходно објавен конкурс. На секоја единица на Универзитетот, се избира заменик студентски правобранител, кој го избира факултетското студентско собрание по претходно објавен конкурс, од редот на редовните студенти. Мандатот на студентскиот правобранител и на замениците студентски правобранители е 2 години, без можност за реизбор. За својата работа Студентскиот правобранител поднесува Годишен извештај до Сенатот на Универзитетот. Во случај кога Сенатот на Универзитетот не го прифати годишниот извештај на Студентскиот правобранител, за тоа го известува Универзитетското студентско собрание. Неприфаќањето на Годишниот извештај на Студентскиот правобранител претставува основ за поведување постапка за негово разрешување од страна на Универзитетското студентско собрание. Постапка за разрешување на студентскиот правобранител можат да покрене Универзитетското студентско собрание, а одлука за разрешување донесува Сенатот на Универзитетот, со мнозинство гласови од вкупниот број членови. Постапка за разрешување на заменикот студентски правобранител можат да покренат членовите на факултетското студентско собрание, студентскиот правобранител или 1/10 од вкупниот број студенти запишани во моментот на факултетот на кој е избран заменикот студентски правобранител. За разрешување на заменикот студентски правобранител одлучува факултетското студентско собрание.
Студентскиот правобранител постапува по поднесок-Барање на студент и/или група студенти во случај кога станува збор за повреда на студентските права:
- Стекнување на статус на студент
- Престанок на статусот на студент
- Губење на статусот на студент во државна квота
- Ослободување од плаќање партиципација
- Проверка на знаењето
- Испитни рокови
- Оценување
- Објавување на резултати и право на увид
- Приговор заради оценка од проверка на знаењето
- Поништување на оценката и повторување на испитот
- Напредување на студентот
- Мирување на обврските на студентот
- Продолжување на прекинатите студии
- Паралелно студирање
- Рок за завршување на студиите
- Дисциплинска одговорност на студентот
- Други права на студентот, во согласност со Законот за високо образование, Статутот на Универзитетот, Статутот на единицата и други акти.
Заменик студентскиот правобранител постапува по поднесок од страна на студент и по сопствена иницијатива доколку увидел дека е прекршено право на студент од страна на органите на факултетот или друг член на академската заедница на факултетот. Органите на факултетот се должни да постапат по укажувањата на заменикот студентски правобранител. За својата работа, студентскиот правобранител поднесува годишен извештај до Сенатот на Универзитетот. За својата работа заменикот студентски правобранител поднесува годишен извештај до студентскиот правобранител и до Наставно-научниот совет на единицата. Надлежноста, условите за избор, постапката за избор и разрешување и работата на студентскиот правобранител и замениците студентски правобранители се утврдуваат со акти на универзитетот, неговите единици и студентското собрание.