Во Македонија не постојат психолошки советувалишта каде студентите би можеле да се обратат за разговор и разрешување на своите интимни проблеми, освен во класичните психијатриски установи и приватна пракса.

Тргнувајќи од недостапноста на овие услуги, Универзитетот „Св. Климетнт Охридски“ основа прво психолошко советувалиште за студенти во рамките на Универзитетскиот  центар за кариера, доживотно учење и алумни КРЕДО, кое е бесплатно за нашите студенти.

Основната цел на советувалиштето е унапредување на менталното здравје на студентите преку развивање на здрави животни стилови, негување на отпорност, како и помагање во разрешување на актуелните и развојни проблеми.             

Прилагодувањето на новата средина, недоволно развиени стратегии на учење и неуспехот во студирањето, психички потешкотии (анксиозност, депресивно расположение, ниско самопочитување) како и  тешкотии кои потекнуваат од социјалната средина (конфликти со родителите, учење на партнерски односи итн.) се теми за кои младите луѓе сакаат да разговараат и да добијат стручна психолошка помош.   

Во таа смисла, целта на  психолошкото советувалиште е на студентите да им пружа помош во совладување на тешкотиите за снаоѓање во средината во која живеат/делуваат –семејството, факултетот и општеството воопшто, како и во успешното остварување на емоционалните и социјалните односи и сопствената индивидуалност и самостојност.

Работата во советувалиштето пред се е наменета за студентска, здрава популација и истовремено е насочена на рушење на предрасудите во врска со барање на психолошка помош.

Предноста на студентското советувалиште е што се наоѓа на самиот факултет/универзитет, каде што студентите секојдневно престојуваат, не се потребни никакви предуслови, услугите се бесплатни а тајноста на разговорите е загарантирана.

Активностите на Советувалиштето за студенти се одвиваат преку следните услуги:

  • Индивидуално психолошко советување;
  • Групно психолошко советување;
  • Психоедукативни работилници и предавања;
  • Работилници за развој на животни вештини;
  • Развој на едукативни материјали и материјали за самопомош;
  • Научно – истражувачка работа

Имате можност со стручна помош да научите:

  • Подобро да се справувате со стресот;
  • Да работите на своите емоции;
  • Да ја зголемите својата самодоверба;
  • Да ги подобрите своите односи со другите, вклучително и партнерските односи;
  • Да станете психолошки отпорни во тешките животни околности;
  • Да се ослободите од загриженоста;
  • Да научите да се релаксирате; 
  • Да постигнете поголема среќа и задоволство во животот.

Студентите електронски може да се пријавуваат и закажат термин за разговор како и за учество во групно психолошко советување и  психо-едукативни работилници на одредени теми, директно на е-mail адресите на нашите професори кои работат во советувалиштето, или на веб страната

https://www.psiholoskosovetuvaliste.uklo.edu.mk

Советувалиштето може да го посетите во просториите на:

УКЛО Психолошко советувалиште на Факултетот за безбедност Скопје

Проф. д-р Драгана Батиќ

dbatic@yahoo.com 

УКЛО Психолошко советувалиште во КРЕДО центарот во Битола  

(простории во старата Касарна во објектот на Правниот Факултет Битола)

Виш пред. д-р Гордана Ристевска Димитровска

gordana.ristevska@uklo.edu.mk