Соработка со стопанството

Соработката на УКЛО со опкружувањето, односно економскиот и јавниот сектор ја сочинуваат сет од специфични активности кои имаат едукативна, практична и развојна димензија и се насочени кон промовирање одржливо партнерство, односно значајна синергија помеѓу академската и социо-економската сфера.

Овие релации се повеќенасочни: од една страна, влијаат врз креирање нови и модификација на постојните наставни програми со цел студентите да се здобијат со потребните вештини и знаења во функција на потребите на пазарот на трудот, од друга страна стопанските и нестопанските субјекти имаат можност да ги користат истражувачките и апликативните потенцијали со кои располага Универзитетот, а студентите имаат можност да користат грантови и стипендии од индустријата, но и да допрат до реалниот, економскиот свет, преку практични обуки и стажирања.

Соработката со деловната заедица се реализира преку КРЕДО Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО, како внатрешна организациона единица на УКЛО, чијашто улога е создавање ефективно партнерство со стопанските и нестопанските субјекти и паралелно обезбедување услуги на студентите од типот: понуди за пракса, стажирања, менторски и програми за вработување, професионално ориентирање и подготовката со меки вештини за барање работа.

Поврзувањето со опкружувањето се реализира преку гостински предавања „Мојата успешна приказна“, презентации на претставници на компании, стипендирање на студенти, отворени денови на УКЛО, саеми за образование, конференции, семинари, обуки, теренска работа, организирање студии на случај и тематски работилници и сл. форми.