На редовната, пролетна сесија на Генералното собрание на УниАдрион, што се одржа на 14 мај 2024 на Универзитетот во Сплит, со мнозинство гласови на УКЛО му е доверена извонредната прилика да претседава со Јадранско-јонската асоцијација во периодот од 1 јуни 2025 до 31 мај 2026 година, во рамки на ротирачкото претседателство како прва членка од Република Северна Македонија.
Во работата на Собранието, каде што беа присутни редовните членови на Управувачкиот одбор на Асоцијацијата, учествуваше проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска и го претстави Универзитетот од името на ректорот, проф. д-р Игор Неделковски којшто е член на Одборот и претставник на македонските високообразовни институции во УниАдрион.
Во рамките на придружните настани на Собранието, проректорката Буневска Талевска учествуваше и на потпишувањето на Сплитската декларација за зачувување и промовирање на медитеранскиот начин на исхрана во Регионот, за бенефитите од овој начин на исхрана, културата и одржливоста на истата, што се случи во просториите на Сплитската регионална стопанска комора.
Инаку, Универзитетот во Сплит е актуелен претседавач на УниАдрион и на крајот на мај ќе го предаде претседателството на грчкиот претставник во Асоцијацијата, Универзитетот во Јанина.