Инстутутот за тутун – Прилеп, најстарата единица на УКЛО, од 12 април 2024 година управува со Централната, заедничка лабораторија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Чинот на предавање во владение на софистицираната опрема, доби и симболично значање. Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски ѝ ги врачи клучевите на директорката на Институтот за тутун – Прилеп, проф. д-р Валентина Пеливаноска, со што започнуваат нови  научно – истражувачки предизвици и перспективи за Институтот и за Универзитетот во целина.

Официјалните претставници на  УКЛО и Институтот за тутун – Прилеп, ректорот Неделковски и директорката Пеливаноска, изразија задоволство од  резултатот, што според ректорот демонстрира и  заедништво и проактивност. „Ставаме во процес на употреба опрема која е набавувана во период од повеќе од десетина години, од различни проекти, финансирани со национални средства, меѓународни и од сопствени средства, опрема, чија вредност достигнува скоро и до половина милион евра. Направивме напори нашите единици консензуално да најдат решение и вредната опрема да не стои мртва, да има бенефит Институтот, Универзитетот и пошироката заедница“.

Најсилен поттик и причина да ја преземат на управување софистицирана опрема, Институтот за тутун препознава во бројните можности што ги нуди лабораторијата за научни истражувања, оценува директорката Валентина Пеливаноска.  Во почетната фаза ќе се преземаат  активности апаратите да се стават во функција, да се пристапи кон доекипирање со квалитетен и компетентен кадар, по што лабораторијата ќе се користи за научни истражувања. Во идните планови се проектирани намери за вклучување и на други единици за учество во заеднички, интегрирани проекти и истражувања.

Амбициозните идеи ќе се одвиваат постапно и во нив посебно место ќе имаат истражувања од аспект на заштитата на животната средина, како и следење на производи што служат за исхрана на луѓето, што се дел од современите, светски трендови.

Инаку, внимание и почит на настанот и неговото значење, искажаа декани и претставници од единици на УКЛО.

На актот на предавање и управување со Централната лабораторија,  претходеше потпишување на Договор во Ректоратот на УКЛО, на чие верифицирање присуствуваа претставници од раководствата од двете установи.