Под мотото ,,Повеќе од oбразование“ одржан е Третиот Отворен ден УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ, годинава под боите на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.

Настанот кој се одржа на 10.05.2024 на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, на едно место ги собра студентите, професорите, средношколците, јавните институции, претставниците од бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, организации и поддржувачи на УКЛО, со цел да се овозможи вмрежување и да се даде придонес во развојот на локалната заедница.

На Третиот Отворен ден УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ се одржаа два панела на кои модератор беше проректорката за студентски работи на УКЛО, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска.

На панелот ,,Студентите можат“ учествуваа студентите Ана-Марија Николовска од Факултетот за безбедност – Скопје, која беше амбасадор на ден во Амбасадата на Велика Британија, Ева Нешкоска од Педагошкиот факултет – Битола, ловоронесец на УКЛО ТРИВИУМ 2024 и дел од репортерскиот тим УКЛО КОЛОРС, како и студентите од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид Антонио Крстаноски, добитник на награда за најдобар студентски труд и Марија Вељаноска од студиската програма Гастрономија и прехранбена технологија. Тие ги споделија своите искуства од учествата во бројните настани организирани од УКЛО и потврдија дека со знаењата и вештините кои ги стекнале на Универзитетот можат да ги остварат своите соништа и успешно да ја градат својата професионална кариера.

На вториот панел ,,Повеќе од образование“ се дискутираше за важноста од поврзувањето на Универзитетот со реалниот сектор. Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, ја нагласи важноста од соработката со компаниите, не само за  да се слушне нивната потреба од соодветен кадар, туку уште во текот на студирањето да стапат во контакт со студентите и да им овозможат пракса и вработување.

Заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиноски, потврдувајќи ја поврзаноста со УКЛО, посебно ја истакна соработката со Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, особено во поглед на изработката на Физибилити студиите за руралниот развој и туризмот, а м-р Наташа Јаневска, проектен менаџер во стручната служба на Стопанската комора на Северна Македонија, се осврна на потребата студентите во текот на целото образованието да имаат практична работа, компаниите да им обезбедат  ментори со кои ќе стекнат практични вештини, со цел да излезат подготвени на пазарот на трудот.

Проф. д-р Снежана Дичевска, деканка на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид и проф. д-р Драгица Оџаклиеска, деканка на Економскиот факултет – Прилеп, ги потенцираа активностите и преземените задачи во градењето и негувањето на поврзаноста со бизнис заедницата во интерес на студентите.

На Отворениот ден УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ, студентката Ева Нешкоска од Педагошкиот факултет – Битола доби пофалница за талентиран студент, а се доделија и благодарници УКЛО Амбасадори на студенти спортисти.

Во Изложбениот дел – Ден на кариера, единиците на УКЛО пред учесниците на настанот ја претставија својата образовна понуда, можностите за мобилност, проектите, лабораториите, програмите и центрите на УКЛО, а дваесеттина компании од регионот ги презентираа можностите за стипендирање и вработување.

Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, кој оцени дека настанот е вистинска слика на регионалниот карактер на Универзитетот, најави дека во наредниот период ќе следи потпишување Меморандум за соработка со Општина Охрид.

Отворениот ден, реализиран со обединување на капацитетите и ресурсите на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење на УКЛО, се заокружи со забава на која присутните имаа можност да ги пробаат и специјалитетите подготвени од студентите на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, под менторство на доцент д-р Климент Наумов.