Историјат

Во минатото започнува иднината….

Основањето на вториот македонски универзитет и неговиот досегашен развој претставува значаен момент  во образовниот,  научниот  и културниот  развој на современото македонско општество.

Чинот на формалното конституирање на Универзитетот во Битола – на 25 април, 1979 година, секако  е резултат на еден подолг процес при што историската традиција значи појдовна основа врз која се надоградуваат образованието и наукатa.

Универзалното значење на св.Климент  и  неговата просветителска мисија која ги надмина нашиве простори, вткаени во богатото историско минато  добија своја силна потврда на 8 декември 1994 година кога Универзитетот со гордост го понесе името Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Повеќедецениската мисија и остварувањето на поставените цели и задачи на втората Alma Mater секако е резултат како на историските така и на амбиенталните предуслови за неговото основање. Универзитетот уште на самите почетоци  ја имаше спецификата на регионална високообразовна установа, со седиште во Битола, но распространета и во уште два  поголеми градови во југозападниот регион, Прилеп и Охрид. Овој регионален квалификатив опстојува, се проширува и се  одржува низ целокупното функционирање на Универзитетот интегрирајќи ги интересите на Регионот –  културно-историската традиција, природните богатства, стопанските потенцијали, мрежата на образовни  институции и потврдениот интелектуален потенцијал.

На почетокот, во составот  на Универзитетот влегуваа шест високообразовни и две научни установи  и тоа:

Подоцна, се вклучија и Институтот за старословенска култура – Прилеп, Матичната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Битола,  Студентскиот дом „Кочо Рацин” – Битола  и Вишата медицинска школа – Битола. И  други високообразовни установи, во согласност со своите интереси, станаа членки на  Универзитетот, како и неколку новоформирани единици: Правен факултет – Кичево, Технолошко-технички факултет – Велес, Ветеринарен факултет – Битола и Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола.

Денес, овој развоен концепт недвосмислено го потврдува значењето на Универзитетот како  автономна, високообразовна и научно-истражувачка установа, ориентирана во својот натамошен развој да биде меѓународно отворена и во функција на опкружувањето.