КОН АКАДЕМСКИОТ ПОЧЕТОК НА УКЛО

01.10.2021

Пригодна свеченост по повод почетокот на новата академска година на УКЛО се одржа на Факултетот за  безбедност – Скопје, настан на којшто ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски упати порака до сите студенти, особено до новите, над 1200 бруцоши и им посака среќен почеток и успешни студии.

Во амбиент на отворено, со строго почитување на здравствените протоколи и одржување на потребната дистанца, на првиот академски час присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасоски и други гости од општествениот живот. Срдечно добредојде до новата генерација студенти упати и деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски по што свечениот настан е заокружен со доделување на индексите на најдоброзапишаните студенти во академската 2021/2022 година.

Академскиот почеток пригодно беше означен и на другите единици на УКЛО. Проректорот за настава, проф. д-р Љупче Кочоски од името на УКЛО се обрати пред студентите од Факултетот за биотехнички науки – Битола, додека проректорот за наука, проф. д-р Игор Неделковски  присуствуваше и им посака добредојде на студентите од Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола.

Во духот на кохезијата на УКЛО, на првиот час на Правниот факултет, дисперзирани студии во Битола се обрати проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски  кој со деканот проф. д-р Горан Илиќ симболично ги доделија индексите на прворангираните бруцоши.

На 4 октомври 2021 г. пригоден настан по повод академскиот почеток ќе се одржи на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, во еден исклучителен и несекојдневен амбиент, во дворот на црквата Св. Софија, на којшто ќе присустваат проректорот за финансии и развој, проф. д-р Гордана Трајкоска и  ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски.


Scroll to Top