ОДРЖАН САЕМ ЗА КАРИЕРА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НA УКЛО И МКЦ

04.06.2021

Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, како партнер, беше дел од 5-тиот по ред Саем за кариера во организација на Младински културен центар-Битола.
На платото во музеј и галерија - Битола, каде што се одржуваше и настанот, свое учество зедоа 22 компании,  кои пред присутните ги понудија своите 200 слободни работни позиции. Ова беше шанса за сите оние што се во потрага по работа, без досегашно искуство или, пак, им е потребна дообука, подобро да се запознаат, да се информираат и да го направат првиот чекор кон нивното вработување.

Ваквото партнерско дејствување дава дополнителни можности и за оние што бараат работа и за оние што имаат потреба од вработување кадри. Токму и целта на формирањето на Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ -Битола  беше да претставува мост кој ќе ја поврзува академијата, деловниот свет и студентите.

На самиот настан присутните имаа можност да се  информираат, да се мотивираат и охрабрат да аплицираат и да станат дел од брзорастечките компании, големи компании, мали и средни бизниси, иновативни бизниси и стартап-компании кои на настанот ги понудија своите слободни работни места.

Саемот за кариера е дел од Проектот Битола стартап центар – Локални партнерства за вработување, и е финансиран преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, со финансиска поддршка од Европската Унија.


Scroll to Top