За еден 25 април...повторно поинаков

26.04.2021

На 25 април 2021 година Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола одбележува 42 години од својата наставнообразовна и научно-истражувачка дејност. Тоа се повеќе од четири децении постоење,  делување и творење  како највисока образовна установа во овој дел од нашата држава.

И, секогаш сме со подеднакво  чувство на гордост заради припадноста на оваа  академска заедница, секогаш со посебни чувства се навраќаме на датумот којшто, покрај патрониот празник,  го славиме како DIES UNIVERSITATIS.

За жал, и оваа година, како и претходната, Денот на УКЛО го чествуваме во вонредни околности  предизвикани од пандемијата со новиот вирус  COVID-19. Принудени во секојдневието да функционираме во рестриктивни услови и, во времиња полни со предизвици, да ги реализираме работните активности и социјалните интеракции, ставајќи ги на тест нашата одговорност, нашата дисциплина, но и нашата солидарност.

Повеќе од една година потоа, во еден контекст  во којшто секако приоритетот се става на индивидуалното и на колективното здравје, можеме слободно да речеме дека во кратко време успеавме да се преадаптираме, да ги преселиме наставата и истражувањето од училниците, амфитеатрите, кабинетите и лабораториите на онлајн платформите и со тоа обезбедивме континуирана и квалитетна едукација и нормално функционирање на Универзитетот.

Она што нè прави посебно горди во време на оваа епидемиолошка криза  е што нашите професори и нашите студенти демонстрираа висок степен на општествена одговорност, несебично ги ставија на располагање своето знаење, своите вештини, се понудија бројни идеи, иницијативи, не недостигаше ниту студентскиот активизам, примерите на доброволна работа и активна поддршка на институциите и локалните заедници.

Непобитен факт е дека се соочивме со императив за комплетна реорганизација, адаптација и премин на онлајн настава но, благодарение на нашата професионалност, стручност и вложените напори успеавме да го одржиме континуитетот во работењето  на едно завидно ниво. И секако, она што е најзначајно, успеавме да не запреме, напротив, здружено, со несмален интензитет и квалитет да  одговориме на предизвикот и да се адаптираме на оваа физичка изолација, на недостигот од општествени активности, на еден поинаков, различен modus vivendi.

Ова е само уште една потврда дека во своето повеќе од четиридецениско работење нашиот Универзитет успешно го надоградува својот профил на Универзитет што ги следи современите трендови, проактивен, флексибилен, мобилен, посветен на својата образовна и научна мисија и на сè што таа значи во смисла на автономија, академска слобода, транспарентност, отчетност и отвореност. Унверзитет што негува и гради проактивен и конструктивен однос со опкружувањето, во делот на соработката со стопанскиот и со јавниот сектор, со регионалните, но и меѓународните партнери  промовирајќи ги притоа своите традиционални, но и автентични вредности. А тоа не е можно без поддршката на сите чинители - академските кадри, студентите, истражувачите, останатите вработени кои несебично ги даруваат и вградуваат своите искуства, своите знаења и вештини, својот труд, енергија и ентузијазам, својата посветеност... Зад сите постигнувања стои взаемната доверба и поддршка, индивидуалниот придонес, но и тимската работа, посветеноста кон студентите, научната мисла, академскиот квалитет.

И така 42 години... Се пренесувало и пренесува знаење, се менувале и менуваат техники и технологии, се применувале и применуваат нови трендови и... постепено се создавала, се градела и гради, се надоградувала интелектуалната база на сите 12 единици во составот на нашиот УКЛО.

До сите студенти, наставно-научни кадри, до сите членови на нашето УКЛО семејство

Денешниве, вонредни околности заради кои ни е одземена можноста за физичко чествување, сепак  не можат ништо да и одземат на оваа убава, „зрела“ бројка. Можеби само посилно да ја нагласат заедничката одговорност на сите нас  кои припаѓаме кон Универзитетот - студентите, наставните и научните кадри, останатите вработени.

И, во контекстот на таа припадност кон нашата  заедничка Alma Mater, заради сите што некогаш биле, заради сите што денес се дел од Универзитетот, заради генерациите што допрва ќе доаѓаат, посакуваваме да се гордеете со нас како што ние се гордееме со вас, да ги зацврстуваме традицијата и вредностите на нашиот Универзитет затоа што во професионалната кариера на сите нас - професори, истражувачи, соработници, но и бројни генерации на студенти,  УКЛО е и ќе остане нераскинлив дел од нашите животи.

Денес, кога симболично ви се обраќаме по овој убав повод, ви закажуваме средба на 43  роденден  и.... посакуваме да бидете добри...ќе ве очекуваме.

Вашиот

Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола


Scroll to Top