Успешен вебинар за менталното здравје на студентите

24.12.2020

Вебинарот посветен на „Ментално здравје на студентите за време на COVID - 19“ во организација на УКЛО, во соработка со Факултетот за безбедност-Скопје и Високата медицинска школа-Битола предизвика голем интерес.

На настанот од име на организаторите учество зедоа: ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски и првите луѓе на единиците, професорите Никола Дујовски и Домника Рајчановска.

Во стручниот дел д-р Гордана Ристевска Димитровска, специјалист психијатар од ВМШ, говореше за психолошката состојба на студентите за време на пандемијата врз основа на резултати од истражување на 244 испитаници-студенти. Констататирано е дека 1/3 од нив имаат значајна анксиозност и изразена депресивност, додека секој втор студент покажува знаци на трауматизација.

Психологот, д-р Драгана Батиќ од Факултетот за безбедност се осврна кон отпорноста на студентите за време на пандемијата со констататација дека во индивидуалниот одговор на стрес, поголем дел од студентите добро се справуваат со стресовите предизвикани од COVID – 19,  со користење позитивни начини за справување меѓу кои  физичка активност, кративна работа и сл.

Вебинарот е заокружен со препораки за неопходна сензибилизација на студентите за потреба од психолошка помош и потребата за развивање нови и  иновативни начини за поддршка.

Психолошкото советувалиште како прво од ваков вид, нуди бесплатни услуги,  со што УКЛО одговорно и соодветно ја покажува грижата за студентите и нивното менталното здравје.

Вебинарот на УКЛО „Ментално здравје на студентите за време на COVID - 19“  како активност беше поддржана од Националната платформа на Комората на психолози во рамки на Деновите на психологија 2020 за унапредување на менталното здравје.


Scroll to Top