ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО ТАСК ФОРЦ БПО

10.11.2020

УКЛО продолжува со успешното поврзување со компаниите како начин за поголема кохезија помеѓу високото образование и индустријата што претставува предзнак на современите универзитети. Токму  во таа насока е и потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола претставуван од ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски и компанијата Таск Форс БПО ДОО Битола претставувана од извршниот директор  г-дин Ацо Додовски.

Потпишувањето на Меморандумот за соработка со оваа реномирана компанија претставува уште една алка во ланецот мерки кои актуелното раководство на УКЛО ги презема, а со цел подигнување на квалитот на студентите во систем, како и на дипломираните студенти кои се образовале во оваа високо-образовна институција.

Меморандумот за соработка ги отвора широко вратите за студентите кои своите практични познавања ќе ги стекнуваат и во оваа компанија, а можноста за стипендирање  претставува и дополнителен мотив што поголем број завршени средношколци да го продолжат своето образование и стручно усовршување на УКЛО.

Меморандумот за соработка, исто така дава можност, стручни кадри од компанијата да се вклучат во наставниот процес како дел од клиничката настава којашто се изведува на факултетите.

Со цел стекнатото теоретско знаење да се преточи во пракса, со потпишувањето на Меморандумот за соработка, на студентите ќе им се овозможи да истражуваат на определена тема и истите да бидат преточени во магистерски и докторски трудови со менторска поддршка од стручни лица во компанијата.

Активностите кои се предвидени за реализација со Меморандумот за соработка, ќе се реализираат преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.

Меморандумот за соработка, се потпиша одделно од двете страни, согласно мерките за заштита од ковид-19.


Scroll to Top