Одржани шестите Корона дијалози за криминолошките и криминалистички влијанија од глобалната пандемија

11.06.2020

Серијалот Корона дијалози опфати нова тема: „Криминолошките и криминалистички влијанија од глобалната пандемија “. Покрај академски кадри од УКЛО, во дебатата учествуваа и  академски претставници од Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Професорот Горазд Мешко од Универзитет во Марибор се осврна кон различните индикатори за криминал, кон  падот и зголемувањето на одредени видови криминал, особено кибернетскиот. Кризата предизвикана од здравствен проблем само ги „тргна“ мигрантите како безбедносна тема. Тој смета дека полициската работа има потреба од дополнително професионално прилагодување и легитимност на полициското работење во услови на криза. Од криминолошка перспектива, социјалната ситуација може да претставува безбедносна закана.

Деканот на Високата полициска школа во Загреб, Крунослав Боровец говореше за позитивните хрватски искуства во справување со пандемијата.Тој се осврна кон важната улога од користењето на новите  дигитални технологии и можности на полициските службеници. Смета дека кризата како јавен здравствен проблем, во моментот не ги загрозува сигурносноста и безбедноста. Според полициски статистики, вкупниот криминалитет е намален, но, доколку кризата продолжи, можно е зголемување на измами преку Интернет, корупција и лажни вести.

Неџат Корајлиќ, декан на Факултетот за безбедносни студии во Сараево, босанско херцеговските  практики  во време на пандемската криза ги претстави низ политичко - економските и социјални прилики. Тој смета дека со продолжување на кризата може да се очекуваат социјални проблеми и актуелизирање на мигрантската криза што би довело до безбедносни проблеми. Според него, од кризата треба да се учи, потребно е меѓуинституционално и стручно делување и јакнење на капацитетите на институциите и ресурсите, за што поуспешно менаџирање со пандемијата или со идни кризи.

Осврнувајќи се кон феноменолошките карактеристики на кривичните дела во време на пандемија меѓу кои зголемени финансиски измами, фалсификување медицинска опрема, лажно претставување и сл. професор Весна Стефановска од Факултетот за безбедност, посочи дека во вакви услови сторителите го преместуваат криминалот на „друго место“ и се адапртираат на новите ситуациони околности. Таа се задржа на проблемот со ранливите категории граѓани и нивната заштита, на колизијата меѓу примената на рестриктивни мерки и ограничување на одредени човекови слободи и права, како и проблемот на можна криминализација кон носители на вирусот, особено лицата од маргинализирани и ранливи  заедници.

Професорката Ангелина Станојоска од Правниот факултет ги анализраше објавените индикатори за кривични дела во периодот на рестриктивни мерки. Од криминолошки аспект, се задржа на одредени типови криминално однесување со конкретни примери, пред се кривичните дела од омраза и како поизразени ги посочи нападите насочени кон лица со азијатско потекло, стигматизацијата кон позитивните на вирусот.

 

Таа смета дека е потребна поголема внимателност и пресретнување на лажните вести за да може од кризата да се извлечат и добри нешта, да бидеме похумани и почовечни.

Според професор Марјан Ѓуровски, модератор на Корона дијалозите, намалувањето на бројот на кривични дела е очекувано, но секоја криза е нова можност за одредени видови криминално однесување како што се семејното и родово насилство, дела од омраза, кривични дела против јавниот ред и мир и против здравјето на луѓето. Тој посочи дека прогнозите на Европол укажуваат дека по завршување на пандемијата  можно е зголемување на имотниот криминал, криумчарење мигранти, трговија со луѓе и сајбер-криминал.

Говорниците во дебатата констатираа дека за криминалитетот и безбедноста во Регионот е потребна  дополнителна анализа, по завршувањето на здравствениот проблем  за којшто се надеваат дека нема да прерасне во безбедносен, за што, особено значајни се:  зајакнување на хуманата безбедност и поголема финкционалност на безбедносните системи.


Scroll to Top