Одржани вторите Корона дијалози - во фокусот економијата

14.05.2020

Со нова тема: „Влијанието на новите предизвици од пандемијата врз економијата“ продолжи серијалот Корона дијалози во организација на УКЛО. Овојпата истите беа организирани во соработка со  Економскиот факултет од Прилеп. За оваа актуелна тематика и за  глобалната криза со која во услови на пандемија се соочени светските, а во тие рамки и македонската економија,   свои осврти изнесоа: министерката за финансии Нина Ангеловска,  професорите: Глигор Бишев, Гордана Трајкоска, Оливера Костоска, Мирослав Гвероски и Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија. 

Министерката Ангеловска даде слика на економските мерки, очекувањата и генералните проекции истакнувајќи притоа дека  донесените, но и новите, планирани мерки кои  значат директна поддршка и помош за граѓаните и домаќинствата  треба да помогнат во намалување на негативните ефекти од кризата, бидејќи ја јакнат јавната потрошувачка. Новиот сет мерки, според министерката, од една страна е насочен кон групи граѓани, од друга кон одредени сектори, сегменти и индустрии. Одговарајќи на повеќе прашања, Ангеловска меѓу другото најави поддршка и за студентите, како и во едукацијата во ИТ секторот и дигитализацијата.

Бидејќи кризата е иницирана од здравствениот сектор носи со себе бројни неизвесности и ризици и за финансиските институции оценува Глигор Бишев. Тој се осврна кон носечките предизвици на долг рок. Според него, загрижуваат неповолните економски движења и во земјите членки на ЕУ  бидејќи 50 % од вкупно заразените лица се од Европа, најважниот трговски партнер на нашата држава. Во мометот, банкарскиот сектор ја задржува капиталната сила, но, можно е влошување на  кредитната наплата, ако продолжи здравствената криза.     

Во освртот за преземените мерки за спас на економијата во услови на пандемија, проректорот на УКЛО, проф. д-р Гордана Трајковска предложи похрабри даночни политики и мерки на контрола насочени кон стимулирање на економијата, како и воведување нов данок на добивка што би бил во прилог на добивање економска битка со Ковид -19. Таа констатира дека мерките што се преземаат, во кои се вклучени и капиталните инвестиции, дополнително ќе ги дадат резултатите, зашто тоа се мерки кои планираат борба со Корона кризата на подолги патеки и овозможуваат значајна поддршка на деловните субјекти, особено оние коишто се најпогодени од ефектите на кризата.

Потребно е воспоставување нови приоритети во постоечките трошења, поддршка на ранливите популации, економски стимуланси за малите и неформални бизниси, истакна професор Оливера Костоска според која што обемот и брзината на економското опоравување ќе зависат од мерките на економската политика - истите  треба да бидат брзи и насочени кон сè што е потребно.

Професорот Мирослав Гвероски се осврна на неопходните мерки што  треба да се насочат кон  решавање на последиците од кризата. Очекува последиците да траат кратко и смета дека е потребно реформирање на најпогодените сектори и промена во структурите на економиите, подршка на претприемачите и долгорочно стимулирање на супституцијата на увозот.

Сите расположиви капацитети на Стопанската комора се ставени на располагање за поддршка на бизнис заедницата и економијата, истакна  директорката Анета Трајковска. Таа ги изнесе моменталните согледувања и прогнози по сектори, во услови на намалена ликвидност на компаниите, намалена продуктивност и извоз. Бизнисот бара едноставни и лесно применливи мерки насочени кон точно дерфинирани сектори  и покрај краткорочните,  потребни се и долгорочни мерки со долгорочни ефекти за обезбедување раст на економијата.

Дијалогот недвосмислено укажа на фактот дека светската економија, а во нејзини рамки и македонската се соочуваат со рецесијата како последица од силниот шок детерминиран од пандемијата, чииштон брзина на ширење и опфат се специфични и носат бројни неизвесности и ризици, а последиците најдиректно се условени од времетраењето на пандемијата. Наспроти овие сценарија,  тешките времиња ја поттикнуваат иновативноста, креативноста и новите идеи. Од тие причини,  економското опоравување, според експертите, освен од мерките на економската политика,   ќе зависи од навременото  и проактивно реагирање.

Инаку, серијалот, со нова, актуелна и атрактивна тема,  продолжува наредната среда. Модератот и иницијатор на Корона онлајн дијалозите е проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски.


Scroll to Top