Продлабочена билатерална соработка на УКЛО и Софискиот Универзитет

12.03.2020

За време на официјалната дводневна посета на Софискиот универзитет, ректорите проф. д-р Анастас Герџиков и проф. д-р Сашо Коруновски потпишаа Меморандум за соработка со што ја обновија билатералната соработка помеѓу двете високообразовни институции. Чинот на потпишување се одржа во Ректоратот на Универзитетот во Софија каде присуствуваа и проректорите, проф. д-р Марјан Ѓуровски и проф. д-р Николај Витанов.

Двете универзитетски делегации разговараа за можностите за продлабочување на соработката во делот на размената на наставници и студенти, заедничката работа на научни проекти, заеднички публикации, како и други форми на соработка. Меморандумот за соработка помеѓу Универзитетот „Св Климент Охридски“ - Битола    и  Софискиот универзитет „Св Климент Охридски“ ќе воспостави ефективни и бројни академски и културни врски. Двете страни се заложија за обезбедување поддршка за размена на академски кадри и студенти, знаење и искуства, за обука на академски кадри, проектна и друга соработка.

Сите форми на соработка ќе се одвиваат во рамки на европските програми со особен акцент на програмата Еразмус+ како и на билатерална основа. Универзитетите ќе соработуваат и при организирање на научни средби и конференции, размена на публикации и материјали за едукација, обука и истражување.


Scroll to Top