УКЛО поттикнува поголема Еразмус + соработка

04.12.2019

Во Ректоратот на УКЛО на 04.12. 2019 година е одржана работна средба со директорката на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова. На средбата, присутните  продекани за настава, за меѓународна соработка  и секако факултетските Еразмус+ координатори имаа можност да се запознаат со новините и начините за поголемо искористување на можностите  во оваа најголема европска образовна програма.

Со овој настан, но и со серијата работилници што ќе се случуваат, Универзитетот  продолжува во континуитет да обезбедува  соодветно следење на сите клучни акции од програмата. Во својата исцрпна презентација, директорката г-ѓа Димова се осврна на главните аспекти на програмата, а одговараше и на бројните прашања од присутните коишто со интерес го проследија нејзиното излагање. Меѓу другото, за периодот што следи, зборуваше за зголемениот буџет што Европската комисија ќе го алоцира во Еразмус+ програмата и што од своја страна ќе предизвика мотивирање на корисниците, програмските земји меѓу кои е и Република Северна Македонија за нивно соодветно искористување.

Според проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски, Институционален Еразмус+ координатор на УКЛО,  активностите што се преземаат се во функција на подобрување на севкупните капацитети на Универзитетот и се дел од севкупниот комплексен процес на  интернационализација.

Имајќи го предвид значењето на европските програми, оваа средба е еден од начините за  нејзина поголема промоција и приближување до непосредните корисници: студентите и професорите на УКЛО.

Во овој контекст, а како дел од вообичаеното процесуирање на програмата, на веб страната на УКЛО е објавен и Прелиминарниот ЕРАЗМУС ПЛУС Повик за  изразување интерес за мобилност за академската 2020/2021.


Scroll to Top