ПРВ ЗАЕДНИЧКИ ПРЕС НА НОВОТО РАКОВОДСТВО НА УКЛО

05.11.2019

Пред преставниците на аудио визуелните, печатените и елктронските медиуми, на 05.11.2019 година, во Ректоратот на УКЛО,  раководството на Универзитетот ги претстави приоритетите во работењето во сите домени на универзитетското делување.

На средбата, покрај ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, проректорите на УКЛО: проф. д-р Гордана Трајкоска, проф. д-р Љупче Кочоски, проф. д-р Игор Неделковски и проф. д-р Марјан Ѓуровски во кратки црти ги претставија развојните визии за ресорите од нивна надлежност. За наредниот мандатен период тие фокусот го ставаат врз обезбедување  поквалитетна настава, унапредување на научно истражувачката дејност, сет мерки за обезбедување квалитет и подобро рангирање,  непречено финансиско работење и развој на УКЛО, со еден збор - остварување повисоки стандарди во севкупното функционирање на Универзитетот. Презентирани се и поодделните напори кои УКЛО ги вложува и понатака ќе ги вложува  во функција на поголема видливост  во рамките на  европскиот простор на високото образование и науката. Посебно е нагласена стратешката свртеност кон студентите, нивното следење низ целокупниот процес на студирање, но и после дипломирањето,нивната и мобилноста на академските кадри и во таа насока можностите што им се нудат преку европските и останати меѓународни  програми за соработка.

На листата на приоритетите на УКЛО се и  интернационализацијата, инвестирањето во научно - истражувачката работа и лабораториите, вложување во човечки и просторни ресурси, обезбедување финансиска стабилност и трансфер на знаења, што се предуслови за  подобра позиција на ранг листите кадешто УКЛО и реално припаѓа.

Раководството на Универзитетот „Св. Климент Охридски„ – Битола и во оваа прилика ја истакна важноста од средбите со новинарите и во духот на транспарентно и отчетно работење ги потврди напорите за редовно информирање на пошироката јавност.


Scroll to Top