Нови 32 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, – Битола кои се избрани на јавниот повик на Општината за учество во „Универзитетската летна пракса“ остварија средба со градоначалникот Тони Коњановски и од име на УКЛО, со проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска.

 Студентите, како и минатата година, за време на летниот период ќе извршуваат практикантска работа во општината и јавните претпријатија, со доследно исполнување на договорените задачи и обврски, за што ќе добијат соодветен месечен надомест.

Градоначалникот Коњановски и проректорката Талевска на заедничката средба со студентите ги истакнаа придобивките и за институциите и особено за студентите што произлегуваат од воспоставената и плодна соработка на Општината и Универзитетот.  Посебен акцент се става на директното вклучување на студентите во работниот процес за нивно дополнително стекнување практични знаења и искуства. Истовремено високо се оценува и вреднува нивната ангажираност што е значајна поддршка за институциите во периодот кога дел од администрацијата користи годишни одмори.

За реализација на  проектот „Универзитетска летна пракса“ што се спроведува втора година по ред, Општина Битола, во согласност со Програмата за спорт и млади, издвојува 500.000 денари. Минатогодишната летна пракса делотворно ја завршија 30 студенти.

Успешно започнатата приказна за платена летна пракса којашто УКЛО ја реализира со општина Битола се очекува да се прошири со другите општини кон кои гравитира УКЛО, пред сè општините: Прилеп и Охрид, а од годинава под боите на Европската универзитетска алијанса COLOURS.

Проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска со тимот соработници од КРЕДО центарот редовно ги афирмираат придобивките  „Универзитетската Летна Пракса“, како еден од начините за развивање на основните дејности на Универзитетот во надворешниот контекст со вклучување на студентските капацитети во општините кадешто живеат.