Со три нови интерактивни обуки заврши третиот серијал од проектот „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ“.

Во рамки на темата Ефективни техники за ослободување од стресот при јавни настапи, прeдавачите од Високата медицинска школа, м-р Даниела Петковска и м-р Денис Арсовски разговараа со студентите за стратегиите пред јавен настап, начинот на подготовка, како и техниките за намалување на стресот, важни за постигнување на потребната сигурност кога се зборува пред публика и се изнесуваат ставови на јавната сцена.

Работилницата Поттикнување на современ истражувачки и создавачки пристап  и знаење,  од серијата предавања за прибирање, анализа и синтеза на податоци, во рамки на вториот  пакет обуки ја одржа проф. д-р Коста Сотироски од Економскиот факултет – Прилеп.

Работилницата покрај другото ги опфати и темите за избор на статистички методи за анализа и синтеза на податоци, избор на софтверски решенија за нивна обработка преку примери за демографска анализа, анализа на економски индикатори, со користење соодветна софтверска поддршка.

Серијалот е заокружен со работилницата Структура и компоненти на истражувачки труд.

Предавачите, проф. д-р Марјан Ангелески и проф. д-р Димитар Николоски од Економски факултет – Прилеп се осврнаа кон истражувањето како предизвик и важен инструмент за развој на знаењето и разбирање на светот. Работилницата беше во насока на проширување на разбирањата за основните компоненти на истражувачкиот процес и да ги охрабри студентите да се вклучат во истражувања уште во текот на студиите. Беа споделени и поголем број на бази со истражувачки трудови како неопходни извори за синтетизирање на веќе реализирани истражувања за одредена тема.

Обуките и термините на одржување, УКЛО ги постави на својата веб страница на СИЦ календарот: https://uklo.edu.mk/sic-kalendar/