Со доделување пехари за најдобрите, заврши Вториот универзитетски турнир во тенис UKLO OPEN COLOURS 2024 организиран од Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола.
На турнирот, во коорганизација со Тенискиот клуб „Чакулески“ од Битола, учествуваа 25 натпреварувачи – студенти и вработени на УКЛО, средношколци и граѓани кои го сакаат тенисот.
Во категоријата наставно-академски кадар на УКЛО и надворешни учесници, првото место го освои проф. д-р Зоран Јошевски од Техничкиот факултет, второто, Драган Спиркоски, докторанд на Правниот факултет – Кичево, а третото место го освои проф. д-р Викторија Стојковска, од Факултетот за биотехнички науки.
Во втората категорија, студенти од единиците на Универзитетот и средношколци, Христијан Павловски од ФИКТ го освои првото место, Игор Пејчиновски од Економскиот факултет во Прилеп второто, а третото место му припадна на Божидар Георгиевски, ученик во Средното општинско училиште „Jане Сандански“ во Битола.
Пехарите и дипломите на учесниците им ги врачи ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, кој и на вториот универзитетски турнир активно учествуваше во натпреварите. Честитајќи им за успехот, тој истакна дека УКЛО ќе се заложи идната година – UKLO OPEN COLOURS да прерасне во државно универзитетско првенство во тенис и да добие меѓународен карактер.