Moot Court клубот “Титус Флавиус Орестес” од Правниот факултет – Кичево, единица на УКЛО Битола учествуваше на VI Moot Court натпревар „Бранко Маринковиќ” за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права, што од 27 – 29.04.2023 г. се одржа во организација на Правниот факултет во Ниш.
Во првата фаза студентите се натпреваруваа во групата А со тимовите на Iustitia од Правниот факултет во Ниш и A Fortiori од Правниот факултет во Штип и со две победи го освоија првото место во групата и се пласираа во полуфиналето во кое остварија една победа и еден пораз.
Во финалето, студентите од Правниот факултет при УКЛО се сретнаа со Moot Court клубот “Абеа” од Правниот факултет во Бања Лука. По двата натпреварa, студентките: Ангела Бошевска, Марија Дунимаглоска и Ана Џима како апликант и Наталија Атанасовска, Елена Грујоска и Симона Тодоровска како респондент, под менторство на вон.проф. д-р Ангелина Станојоска, го освоија второто место.
Правниот факултет – Кичево е редовен учесник на регионални натпревари за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права. На ваков начин, Факултетот им овозможува на своите студенти практично да се запознаат со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, како и со работата на ЕСЧП и механизмот за заштита на истите. Воедно студентите учат правно да аргументираат и да ги подобруваат вештините за јавно говорење.