Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола со свој претставник, проректорката за студентски работи, проф.д-р Јасмина Буневска Талевска, како стратешки партнер и пријател на Општина Битола, присуствуваше на четвртата работилница за изработка на студии за влезна документација за ГУП на Битола. Вклученоста на УКЛО во конструктивниот процес за одржлив урбан развој на општината е тема кон која Универзитетот приоѓа со сериозно и должно внимание.
Проректорката, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска е меѓу експертите и професионалците кои заедно со граѓанскиот сектор и другите инволвирани чинители во процесот, повеќе од една деценија ги опсервираат современите потреби на Општината.
Продуктивната соработка што ја остварува УКЛО е меѓу позитивните примери за стручен ангажман при подготовка на стратегии и студии, што се темелат на вредностите на современото живеење кое е остварливо благодарение на планирање на сообраќајот и урбаната мобилност, безбедноста во сообраќајот, економскиот развој и заштита на животната средина и здравјето.
Дводневната работилница што се одржа на 16 и 17 јануари 2024 г. во Офицерскиот дом Битола е дел од проект финансиран од Европска Унија, имплементиран од италијанската невладина организација-COSV, Општина Битола и ПРЕДА плус Фондацијата и се реализира во организација на Проинг ДООЕЛ Битола и Архитектонски факултет Скопје.