На 18.01.2024 г. во Ректоратот на УКЛО, проректорите, проф.д-р Горан Илиќ  и проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска остварија средба со професорот Адриано Фригановиќ, претседател на Европска организација на сестри специјалисти, хрватскиот Националниот сојуз на сестри и Друштвото на медицински сестри за анестезија, реанимација, интензивна нега и трансфузија.

Важноста на средбата произлегува од фактот дека професорот Фригановиќ, прв доктор на науки од областа на сестринството во Република Хрватска ги пренесе искуствата за кариерен развој на сестринството од земја членка на ЕУ, во којашто постојат академски, магистерски и докторски студии за медицински сестри. Оценето е дека хрватската практика и начините на имплементација може да помогнат и во заложбата на УКЛО, ВМШ да прерасне во факултет.

Средбата  доби значајност со присуството на респектабилни претставници од СЗО, МЗ и МОН, меѓу кои: д-р Злате Мехмедовиќ, Национален координатор за реформи во примарната здравствена заштита, д-р Соња Славковиќ еден од изготвувачите на курикулуми за  вакви студиски програми,  како и  м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС и Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри. Присутните авторитети од областа на сестринството, беа и главни панелисти на трибината што се одржа на ВМШ во пресрет на носење на Закон за сестринска дејност.

Донесувањето на  Закон со којшто ќе се регулира сестринската дејност, според д-р Ангелка Јанкуловска, предавач во Школата, ќе овозможи големи придобивки за институцијата и особено за студентите, во делот на нивните компетенции, усогласување со европските регулативи и воспоставување академски студии во духот на најавите за трансформација на ВМШ во Факултет за медицински науки и здравство.