На Генералното собрание на UniAdrion, што се одржа на 17 мај 2022 на Аграрниот универзитет во Тирана, Албанија, УКЛО доби покана и стана полноправна членка на оваа акдемска мрежа каде што членуваат високообразовни и научно-истражувачки институции од земјите во јадранско-јонскиот басен. На Собранието, покрај УКЛО, беше прифатена и кандидатурата на Универзитетот од Сан  Марино, додека пак Poliarte Академијата за уметност и дизајн од Анкона, Италија се стекна со статус на придружна членка.

Инаку, UniAdrion мрежата е востановена со цел да промовира и поттикнува регионален развој преку академска и научно-истражувачка соработка помеѓу членките во мрежата, но и со институции надвор од мрежата со цел да се стимулира и развива културната, научната, едукативната и истражувачката  размена. Мрежата промовира академска и научно-истражувачка соработка првенствено преку имплементирање новини во наставно-научната дејност и примена на разновидни форми како курсеви за обука, постдипломски студии, летни школи, заеднички проекти на разновидни теми кохерентни со принципите на EUSAIR (Стратегијата на ЕУ за јадранскиот и јонскиот регион): одржлив развој на морските и приморските басени, подобрена поврзаност во и на Регионот, подигнување на квалитетот на природната средина, одржлив туризам, развој на научно-истражувачката активност и зајакнување на капацитетите.

Првично, во мрежата членуваа само универзитети и научно-истражувачки институти од 8 земји: Хрватска, Словенија, Италија, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија, а со стапување на УКЛО во UniAdrion и Република Северна Македонија има свој претставник – институција што ќе учествува во проекти што треба да го подигнат нивото на справување со бројните и горливи социо-економски и еколошки предизивици исправени пред земјите од јадранско-јонскиот басен, да го подобрат економскиот раст и просперитет во Регионот, преку подобрување на атрактивноста, конкурентноста и поврзаноста, при тоа водејќи сметка за заштита на морето, крајбрежните и околните еко-системи. Додадена вредност на членството на нашата земја преку вмрежувањето на УКЛО е тоа што дополнително ќе ги подобри перспективите за интеграција на земјите-кандидати и потенцијални кандидати од Регионот.