Пред официјалниот старт на проектот COLOURS  што ќе ги намалува бариерите за едукација за сите чинители низ регионите на Европа, од 11 – 12 септември 2023 г. на Универзитетот во Кристијанстад, Шведска, одржан е координативен состанок. Како и сите идни активности во комплексниот проект  COLOURS, и овој состанок беше одржан на хибриден начин, при што покрај со претставниците во Шведска, УКЛО, а и сите други партнери во алијансата, учествувааа со пошироки тимови на кадар и студенти коишто учествуваа во пленарните сесии и работните групи онлајн.

Mеѓу партнерите од Алијансата на европски универзитети COLOURS, УКЛО го претставуваа ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ. Состанокот на партнерите во COLOURS е првична предактивност за почетните чекори во проектот што обединува универзитети од Франција, Германија, Шведска, Италија, Шпанија, Полска и Хрватска.

Инаку, УКЛО е во избраните високообразовни установи кои учествуваа на повикот од Еразмус+ програмата за 2023 г. со наслов „Иницијатива за европски универзитети“ чија цел е обединување на новата генерација Европејци способни да студираат и да работат во различни земји, на различни јазици и низ различни сектори и академски дисциплини. Активностите во COLOURS (COLlaborative innOvative sUstainable Regional univerSities – Колаборативни иновативни одржливи регионални универзитети) официјално започнуваат од новата 2024 година.

Воедно, 0д 4- 5-ти септември 2023 година, Универзитетот во Риека беше домаќин на седмиот состанок на Ректорскиот форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан на којшто, меѓу  70 универзитетски претставници: 17 ректори и повеќе од 20 проректори, УКЛО го претставуваа ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и проректорот за настава проф. д-р Цветко Андреески.

На Форумот усвоени се организациски правила и формирани се работни групи – за образование, високо образовна политика и истражување и иновации, фокусирани кон подобрување на регионалната соработка, поддршка на универзитетите членки во добивање проекти од ЕУ, промовирање на циркулацијата на мозокот и поттикнување на иновациите во земјите-членки, за што свој активен придонес дава и УКЛО.