Во рамките на Европската Јадранскo-Јонска мрежа на универзитети, региони, стопански комори и градови– AI-NURECC Plus, од 23-24 јануари 2023 г. се одржаа Конференција и Форум за млади, на кои УКЛО учествуваше со свои претставници.

Проф. д-р Иванка Нестороска од ФТУ во рамки на Конференцијата имаше излагање и ја раководеше сесијата посветена на „Одржливоста како двигател за развој на туризмот во планинските области“. Таа ја нагласи важноста за  ориентираност кон одржлив туризам во планинските области во Македонија, пристап што ќе овозможува економски предности и намалување на негативните ефекти врз ресурсите и животната средина.

На Форумот на младински организации (AIYOF4) УКЛО учествуваше  со девет студенти: од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, Факултетот за биотехнички науки – Битола и Економскиот факултет – Прилеп. На настанот е потенцирана улогата на младите во унапредување на  Јадранско-Јонски регион како одржлив, зелен и инклузивен, со ангажман кон клучните предизвици за развој –  Синиот раст, Поврзување на регионот, Квалитет на животната средина и Одржлив туризам.

Следниот младински форум во рамките на  AI-NURECC Plus мрежата ќе се одржи во мај 2023 година.