Покрај традиционалното академско издаваштво, УКЛО и неговото научно списание “Хоризонти” се приклучија кон глобалната иницијатива за отворен пристап (open-access) со којaшто се дава поддршка на дигиталниот, онлајн и бесплатен пристап до научна литература ослободена од ограничувања и услови за користење.

Проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ оценува дека со овој отворен пристап, УКЛО може да оствари повеќе предности: да се зголеми брзината, ефикасноста и ефективноста на истражувањата и од друга страна, да се зголемат цитираноста, влијанието и видливоста на научно-истражувачката работа, како и да го вброи УКЛО и списанието “Хоризонти” во глобалното семејство на универзитети, академски издавачи и научни списанија. Дотолку повеќе, пристапувањето кон оваа иницијатива има посебно значење за меѓународното научно списание “Хоризонти” кое во моментов се наоѓа во фаза на реконструкција, реконфигурација и подготовка за негово издавање по сите современи параметри на академско издаваштво.

Инаку, се проценува дека има околу 30 илјади рецензирани списанија кои објавуваат околу три милиони статии годишно, што говори во прилог на предностите на отворениот пристап и нуди преглед на најновите светски трендови и иницијативи во светот на науката.