Претставници од раководството на УКЛО од 17 до 18 февруари 2023 г. во Софија учествуваa на Конференцијата “Територијална прекугранична соработка во Југоисточна Европа, значење на институциите и финансиска поддршка” во организација на Европската групација за територијална соработка ХЕЛИКАС.
Делегацијата од УКЛО во која учествуваа проректорите: проф. д-р Горан Илиќ и проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, претседателот на Сенат, проф. д-р Николче Јанкуловски и институционалниот ЕРАЗМУС+ координатор на УКЛО проф. д-р Рената Петревска Нечкоска на Конференцијата дискутираа за најактуелните теми поврзани со значењето на прекуграничната соработка и начините за надминување на бројните предизвици.
Во рамки на активностите, ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски е избран за прв член на Одборот и Генералното собрание на ХЕЛИКАС, а за заменик е назначен проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ, кој во име на ректорот и УКЛО се обрати на отворањето на Генералното собрание на ХЕЛИКАС.
Воедно, за втор член на Генералното собрание на ХЕЛИКАС е избрана проф. д-р Рената Петревска Нечкоска и во својство на заменик е назначена проректороката проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска.
Инаку, на Конферецнијата учество зедоа официјални претставници на Европската комисија, Комитетот на регионите, претставници на универзитети, претставници на корпоративен сектор, невладини организации, истакнати експерти од областа на локалната самоуправа, територијалната соработка и интеграциите, како и градоначалници и други претставници на општините од пограничните региони на Р.С. Македонија, Р. Грција и Р. Бугарија.
Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола е единствениот македонски универзитет како партнер на ХЕЛИКАС, кој и официјално со свои избрани претставници учествува во неговите управувачки тела.