УКЛО на 17.01.2024 г. беше домаќин на учесниците на 12-та Меѓународна научна конференција „Охрид – Водици 2024“  организирана од Центарот за напредни истражувања, во партнерство со „MIRAS“ – Социјална организација за поддршка на проучувањето на културното наследство од Баку, Азербејџан,  Универзитетот ,,Аднан Мендерес“ од Ајдин, Турција, како и списанието Журнал за глобални процеси од Мајами, Флорида, САД.

На конференцијата што се одржува хибридно, презентирани се 40-тина трудови од 58 учесници од 11 држави, фокусирани на темата: „Промоција на „меката моќ“ (Soft power) културата, културното наследство, животната средина, туризмот или друга човечка димензија за одржлив и меѓукултурен развој“.

Проф. д-р Рубин Земон, директор на Центарот за напредни истражувања, вели дека Битола и дополнително во Охрид, учесниците на настанот ќе пратат силна порака дека во ова време, во кое сме сведоци на разорната воена моќ, треба да и се даде простор на т.н. мека моќ, на културата, на меѓукултурниот развој, потенцирајќи дека од Конфренцијата се праќа порака дека во овие тешки времиња треба да завладее дипломатијата, културното наследство и да се промовира добра животна средина.

Проф. д-р Салваторе Констанца од Универзитетот во Атина, Грција, по потекло од Сицилија, Италија, нагласи дека културата е премногу важна и за меѓународниот мир, дијалог и кооперација. Пелагонискиот регион, Битола, Лерин – Флорина и Прилеп, е мост меѓу Грција и Северна Македонија, а Охрид е мост со Албанија. Тоа е стратегиски регион за меѓународна кооперација во Западен Балкан.

Од име на Универзитетот, проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска -Талевска посочи дека со срдечното добредојде на учесниците на научната конференција, УКЛО потврдува дека е отворен и постојано расположен за партнерства и пријателства. Таа воедно истакна дека се потврдува и „меката моќ“ што секојдневно им се пренесува на студентите, нагласувајќи дека во услови  на кризи и секојдневни предизвици, улогата на  академијата е да се наметнеме како движечка сила за менување на размислувањата, за надминување на културни разлики и воспоставување културна одржливост преку едукација, наука и образование“.

Конференцијата се заокружува во Охрид, на 18 јануари 2024 г. во Македонската академија на науките и уметностите во „Куќата на Уранија“.