Во рамките на посетата на Универзитетот Бар Илан (BIU) во Тел Авив, ректорот Неделковски реализира две значајни активности во насока на зголемување на меѓународната видливост на УКЛО – учествуваше на интернационален образовен саем и го потпиша договорот за академска размена со заменик претседателот на BIU, проф. д-р Моше Левенштајн. На чинот на потпишувањето беше присутен и привремениот в. д. амбасадор на Република Северна Македонија во Израел, г. Мациеј Качоровски.

Договорот за академска размена претставува нова можност за размена на студенти и кадри врз основа на претходните искуства во рамките на Програмата ЕРАЗМУС+, но и основа за потпишување договори со специфични содржини помеѓу заинтересираните факултети од УКЛО и BIU, вториот најголем универзитет во Израел со над 20.000 студенти и 1350 професори.

На интернационалниот образовен саем, академската понуда на УКЛО беше претставена на засебен штанд, а презентацијата на ректорот предизвика интерес за иницирање релации за соработка кај претставниците на високообразовните институции што учествуваа на саемот.

Инаку, соработката помеѓу УКЛО и BIU ја иницираше и во голема мера е заслуга на д-р Рахел Леви Друмер којашто е долги години дел од раководните структури на Универзитетот, а потекнува од истакнато еврејско семејство од Битола каде што поминала и голем дел од детството.