Преку серија активности по повод Патрониот празник на УКЛО враќање на спортот меѓу студентите

Во рамките на одбележувањето на 25. април, денот на основањето на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, во текот на целиот месец се одржуваа натпревари во рамки на Универзитетскиот турнир во мал фудбал на кој учество зедоа студенти од сите единици на УКЛО.

Завршницата на овој турнир се одигра на 28. април 2022 г. во спортската сала „Павел Шатев“ во Битола. По завршување на натпреварите, проректорот на УКЛО проф. д-р Марјан Ѓуровски свечено ги додели пехарите и медалите на победниците. Заедно со претседателката на Универзитетското студенско собрание Симона Наумовска тие доделија награди за: прво место за екипата на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, второ место за Техничкиот Факултет од Битола и трето место за екипата од Факултетот за безбедност-Скопје.

Во совето излагање проректорот Ѓуровски нагласи дека Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, уште од своето основање, посебно внимание посветува на спортот и на неговата афирмација помеѓу студентите. Посебно во однос на ова прашање се истакнува периодот од 2010 година па до ден денес, бидејќи со добивањето на спортската сала „Павел Шатев“ во Битола, се појави можност за посериозно бавење на студентите со одредени спортски активности.

Покрај натпревари во мал фудбал, на УКЛО се организираат и натпревари во кошарка, ракомет, шах, пинг-понг, планинарски тури, но исто така вредно е да се напомене дека УКЛО преку своите студенти е редовен учесник на Европски и Светски првенства во карате, универзијади и на повеќе спортски манифестации кои се организирани од студенти од соседните држави.

 На крајот на излагањето проректорот Ѓуровски заклучи: “Спортувањето е исто така значајно за одржување дисциплина, одговорност, самодоверба, отчетност и тимска работа. На кратко, спортувањето му помага на вашиот мозок да расте и да работи подобро”.