Со проектот Зелено автобуско стојалиште студенти од Техничкиот факултет при УКЛО учествуваа на Меѓународниот натпревар ICAMES што се одржа од 10 до 16 мај 2022 година, на Универзитетот Богазичи во Истанбул, Турција.

Станува збор за автобуско соларно стојалиште коешто самостојно ќе произведува енергија за инфо табла, возен ред, полначи за велосипеди, за затоплување на клупите за седење во зима, осветлување и.т.н.

На проектот, седумте студенти: Билјана Велјановска, Христијан Тасески, Лина Димеска, Николче Николовски, Симона Сабатковска, Антонио Цветковски и Верче Конеска, под менторство на професорката Јамина Буневска-Талевска и со поддршка од професорот Методија Атанасовски, работеа две години.  Нивното учество на 26-то издание на меѓународниот настан им овозможи да го презентираат концептот, моделот и одржливоста на проектот Зелено автобуско стојалиште.

За студентите, меѓународниот натпревар ICAMES претставува одлична можност за размена на искуства меѓу студентите и академскиот кадар и покрај академски има и културен и социјален карактер.

Со проектот Зелено автобуско стојалиште Техничкиот факултет ја потврдува својата клучна улога да создава проекти коишто делуваат еколошки врз животната средина и воедно се практични и иновативни во примената.