Во рамките на одбележувањето на 17. Ноември, Меѓународниот ден на студентите на УКЛО се одржа традиционалниот Универзитетски спортски турнир во пинг-понг, шах и пикадо.

На Турнирот покрај 30–на студенти, учество зедоа и професори и вработени во единиците на УКЛО како и студенти од Грција и Албанија кои се гости на Педагошкиот факултет – Битола.

Натпреварите се одржаа во спортската сала „Павел Шатев“ во Битола и во простории на Студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола.

Универзитетскиот спортски турнир заврши со врачување пехари и медали за најдобрите, што ги доделија проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, и лидерот на студентите на УКЛО, Симона Наумовска.

Инаку, УСС УКЛО, по повод Меѓународниот ден на студентите, покрај целосна поддршка на барањата на студентите од земјава за повеќе права и унапредување на студентскиот стандард реализираа и други активности во соработка со Локалниот младински совет на Општина Битола на тема ,,Предизвиците на младите кон успехот“, што се одржаа во Студентскиот информативен центар на УКЛО.