Факултетот за безбедност – Скопје, УКЛО и ОБСЕ организираа Обука за зајакнување на младите во борбата против радикализација и насилен екстремизам што се одржува во Велес и започна на 16 октомври 2023 г.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски истакна дека УКЛО ги едуцира и обучува студентите да бидат носители на процеси во кои приоритет има толеранцијата, борбата против екстремизмот, говорот на омраза и насилството, особено затоа што УКЛО секогаш бил и ќе остане место во кое се негува толеранцијата и се почитува различноста.

Дека младите се во фокусот на вниманието, а образованието е алатка која може на интересен начин да ги покаже придобивките на демократското живеење  и со тоа да ги оттргне од насилен екстремизам и тероризам, истакна и деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Никола Дујовски. Тој нагласи дека Факултетот продолжува да работи на квалитетна едукација во сите сфери од областа на безбедноста.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал ја потврди определбата дека продолжуваат да работат со младите и за младите и оваа Програма е фокусирана кон практични дискусии со реномирани експерти од различни области и институции. Меѓу нив беше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој се осврна кон потребата за превенција и едукација на младите во ера на исклучително жестоки динамични и цивилизациски противречности, во кои темата за борба против радикализацијата и насилниот екстремизам заслужува сериозно внимание како општествен фактор и тоа не само од сферата на безбедноста, туку и пошироко, во многу други општествени сегменти.

Истакнувајќи ги  основните принципи на функционирањето на УКЛО, ректорот Неделковски посочи дека Универзитетот: „високо ја цени  активноста на ОБСЕ и нашиот Факултет за безбедност во намерата да ги обучи студентите да препознаваат и да се спротивстават на било кој облик на екстремизам, насилство, говор на омраза и сите други облици на нетолерантно и неакадемско однесување“.