Петар Митревски и Валентин Стојановски, студенти на ФИКТ – Битола, единица на УКЛО, добитници се на стипендии кои за прв пат ги доделува КС ГРУПАЦИЈА- Битола, во рамки на иницијативата за поддршка на младите во образованието.

Со договорите за стипендирање, на студентите од УКЛО им се обезбедува финансиска помош во текот на студирањето, а дизајнираните програми за практикантство ќе им овозможат преку менторство да стекнат подобро работно искуство за побрзо да се вклопат во предизвиците од реалниот свет.

На пригодниот настан истакнато е дека доделувањето стипендии на студенти на УКЛО е значајна пресвртница во напорите на Групацијата КС за промовирање на општествената одговорност и го отвора патот за повеќе иницијативи кои ги поддржуваат младите и образованието во Битола.

На чинот на потпишување на договорите, на 24 ноември 2023 г. присуствуваше и проф. д-р Божидар Миленковски, продекан за финансии на ФИКТ и директорите на КС Групација. Заедничка е оценката дека ова е извонреден пример за тоа како корпоративниот сектор и образовните институции можат да ги здружат силите за да обезбедуваат позитивни влијанија во животот на новите генерации млади луѓе.