Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски во својство на претседател на Интеруниверзитетската конференција на 16. 05 2022 г. во Конгресниот центар во Охрид беше домаќин на седница на Интеруниверзитетската Ректорска управа.

Покрај ректорите од универзитетите од државата активно учество во седницата зеде и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Меѓу актуелните прашања поврзани со креирање политики за подобрување и унапредување на функционирањето на универзитетите и научната дејност, посебно внимание е посветено на стратешки прашања поврзани со спроведување на рангирањето на универзитетите во Република Северна Македонија, потребите за вработување и ангажирање на кадар на универзитетите, како и начините за финансирање на научно – истражувачката дејност.

Ректорот Коруновски потврдува дека заложбите за забрзан развој и вложување во човечки капитал се заеднички. МОН и Интеруниверзитетската Ректорска управа низ редовна комуникација се насочени кон изнаоѓање квалитетни решенија од клучно значење за високото образование.  Заклучоците од ИРУ ќе бидат презентирани и дадени на усвојување пред  Интеруниверзитетската конференција како јавно правно тело.

Во чест на учесниците на настанот и присуството на министерот Шаќири, студентите од ФТУ – Охрид во рамки на практичната работа подготвија  деликатеси и специјалитети под менторство на професорот Климент Наумов и со посебна впечатливост ги претставија своите  гастрономско – угостителски вештини.