Заложбата за поттикнување на практичната настава и потесна соработка меѓу високообразовните институции со бизнис секторот е една од темите актуелизирана  на најновата средба, во Ректоратот на УКЛО, на 28 март 2024 г.

Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, проректорот за настава, проф. д-р Цветкo Андреески и проф. д-р Марина Блажековиќ, член од УКЛО во Советот за унапредување на високото образование и за стратешки истражувања во Стопанската комoра, ја поздравија најновата иницијатива на Комората за измени во законската регулатива во високото образование, определување на практична настава во текот на учебната година, спецификација на улогата на менторот за изведување практична настава и обука на ментор и сертификација на ментор. Заедничка е констатацијата дека расте интересот за практичната настава и во приватниот и во јавниот сектор што произлегува од потребата за перманентно подобрување на стручните вештини и професионални компетенции на студентот е што обезбедуваат поголема вработливост.

На работната средба со претседателите на Советот за подобрување на високото образование и стратешките истражувања, Михајло Донев и на Советот за подобрување на квалитетот на тренингот и обуките во образованието, Наташа Јаневска, презентирани се добрите практики на УКЛО за изведување практична настава во компании од подрачјето на Пелагонија, што се спроведува врз основа на Правилник за регулирање на начинот и формата на изведување на практичната настава.

Реализацијата на овие активности, како прв Универзитет што го регулира изведувањето на практичната настава, УКЛО ја остварува со поддршка од локалните самоуправи од регионот кон кои гравитираат факултетите на Универзитетот. Оценето е дека ваквиот одговорен пристап е во функција на обезбедување квалитетни и применливи знаења, градење компетенции за пазарот на труд и добра основа за натамошно систематско уредување на практичната настава меѓу работодавачите, што претставува следната фаза во заокружувањето на процесот.

Заедничка е констатацијата дека расте интересот за практична настава, како во приватниот, така и во јавниот сектор, со цел да се подобрат професионалните вештини и компетенции на студентите и да се обезбеди нивна поголема вработливост.

Работниот состанок беше можност претставниците од Комората  да се запознаат со новините од УКЛО како дел од европската универзитетска алијанса Колорс. Потенцирано е дека како прв и засега единствен македонски универзитет во Алијансата Колорс,  покрај бројните поволности за  студентите, голем дел активностите може да се одвиваат во соработка со претставници на бизнис заедницата и Стопанската комора на Северна Македонија.