Покрај научно истражувачката дејност што е заеднички именител на Архивот и Универзитетот, двете значајни установи ги поврзува и  објектот и нивната посветеност да продолжат да го издигнуваат и градот и заедницата  на повисоко ниво, благодарение на улогата што ја остваруваат во општеството.

Овие силни конекции се потврдени и на настанот посветен на одбележување 70 години од формирањето на Државниот архив – Одделение  Битола, при што, од име на УКЛО и ректорот Игор Неделковски, честитки за јубилејот искажаа проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска и претседателот на Универзитетскиот сенат, проф. д-р Николче Јанкуловски.

Приклучувајќи се кон чествувањето, УКЛО ги потврдува  суштинските аспекти од взаемната соработка на Архивот како чувар на историски извори и истражувачка институција што креира и учествува во процеси кои даваат ново светло на настаните и УКЛО, како носител на образовната и научната дејност во регионот и државата, чии кадри со многу успех во своето поле на работа испишуваат нова историја што се преточува во документи кои Архивот ги чува грижливо, бидејќи се сведоци и паметници за лични успеси и успеси на институциите.

Од ваквата заедничка мисија, неодамна произлезе и конкретна заедничка активност на двете установи,  по повод Денот на основањето  на УКЛО, 25 април. Темата за студентите некогаш и денес, беше збогатена со документаристички материјали приредени од Државниот архив – одделение Битола, што ги претстави директорот, Гоце Стојановски. По повод пригодата, Архивот отстапи вредни бележници од фондовите дополнети со современи идентификациски брендови кои визуелно поврзаа настани и активности што го отсликуваат УКЛО, чија физиономија и идентитет се најмногу препознатливи преку неговите студенти, документи кои Архивот ги категоризира во шифра на дејност 12 – Образование, наука, култура и информации.

На настанот беше посочено дека е прикажан еден мал избор од архивските материјали, но дека во иднина, фондовите ќе бидат зголемувани и надополнувани, имајќи го предвид фактот што во фаза на подготовка е и архивски материјал од Вишата земјоделска школа и Техничкиот факултет кои треба да бидат предадени на Архивот на трајно чување.

Овие елементи се широко поле за надополнување и идна  меѓуинституционална соработка, што според зборовите на директорот Стојановски им носат успех на овие установи и одделно, и дека со сигурност може да се каже дека Универзитетот и во иднина ќе продолжи да твори и да создава врвни научници, а Архивот ќе биде тука да ги зачува доказите за тоа, сега и за идните генерации.