Во рамки на еднонеделната посета на УКЛО од 15 – 19 јануари 2024 г. висока делегација од Техничкиот универзитет од Варна оствари повеќе работни средби за продлабочување на постојната и проширување на академската соработка.

Ректорот д-р Драгомир Пламенов и проректорката, д-р Павлина Атанасова Наскова, придружувани од конзулот Николај Димитров, на 15.01.2024 г. во Ректоратот на УКЛО разговараа со проректорите: д-р Јасмина Буневска  – Талевска и д-р Горан Илиќ. Изразена е подготвеност за унапредување на соработката која УКЛО ја негува со уште десетина универзитети од Република Бугарија  на билатерално ниво, вклучително  и  со други установи и асоцијации.

Пријатната атмосфера во која учествуваа и деканката на Факултетот за биотехнички науки – Битола, проф. д-р Гордана Димитровска и продеканката за наука и меѓународна соработка, проф. д-р Дијана Блажековиќ Димовска, во својство на домаќини на гостите, продолжи на Факултетот за биотехнички науки, во рамки на Еразмус+ програмата, што оваа единица на УКЛО ја реализира со гостинскиот универзитет.

Академското поврзување е проширено со Техничкиот факултет – Битола и Факултетот за информатички и комуникациски технологи – Битола. Деканите на единиците, проф. д-р Митко Костов и проф. д-р Благој Ристевски со нивните најблиски соработници, разговараа со гостите за конкретни теми меѓу кои: заеднички мастер програми, учество во конференции и вклучување во конзорциуми за проекти, што произлегува од компатибилноста на студиските програми и блиските академски интереси.

Делегацијата од Техничкиот универзитет од Варна изрази интерес за поврзување и со ЈНУ Хидробиолошкиот завод – Охрид, придружна членка на УКЛО. Според директорката, д-р Орхидеја Тасевска, овој значаен научен институт  –  интензивирањето на соработката со Техничкиот универзитет од Варна ќе го официјализира со Меморандум за соработка.