На Техничкиот факултет во Битола на 27 март 2024 г. се одржа вториот Саем за вработување, практикантство и стипендии, како мост што ги поврзува компаниите од регионот со студентите – идни инженери.

Триесетина компании ја презентираа својата дејност, додека студентите имаа можност лично да се претстават пред потенцијалните работодавчи, да ги изнесат идеите и очекувањата како нивни практиканти и можни вработени.

Важниот настан од име на УКЛО го поздрави ректорот, проф. д-р Игор Неделковски. Присуството на голем број компании, го оцени како потврда дека реалниот сектор има потреба од квалитетен инженерски кадар. Според него, тоа е и потврда дека УКЛО со Техничкиот факултет соработува со бизнисот и стопанството, компаниите во студентите од УКЛО препознаваат избор за квалитетен кадар и тоа е силна врска што се гради и со другите единици на Универзитетот.

Деканот на Техничкиот факултет, проф. д-р Митко Костов со задоволство истакнa дека Факултетот и стопанството, односно индустријата и компаниите се потребни едни на други. “Ние произведуваме кадри кои што ќе можат да ги применат, да ги воведат новите технологии во производството за едно пооптимизирано, подобро производство. Во исто време се остварува и една повратна врска со компаниите и можност студиските програми да се прилагодуваат на пазарот на трудот и на потребите на стопанството“.

Саемот е од големо значeње, оценуваaт и студентите.  Покрај тоа што нуди практикански стипендии, потенцијално води кон вработување. За сето ова илустрација е големата заинтересираност на студентите што сликовито говори за влијанието и придобивките кои ги нудат техничките науки, свесност дека студирањето на Техничкиот факултет им дава можност да стекнат вештини кои ќе им помогнат да најдат добро платена работа.  Соработката  на УКЛО со бизнис сектор е неминовност. Тоа впрочем е потенцирано и на стартот на Алијансата Колорс на којашто припаѓа и УКЛО, бидејќи ако не се надополнуваат едни со други, неможе  да го оправдаат ни своето постоење.

На Саемот за вработување, практиканство и стипендии на Техничкиот факултет – Битола со свој штанд е претставен и Кредо центарот на УКЛО, особено интересен за посетителите од средните училишта од Битола како идни студенти на Техничкиот  факултет или другите единици во состав на УКЛО.