На Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, единица на УКЛО, на 12.05.2023 г се одржа Сaем на кариера за вработливост на студенти.

Учествуваа над 20 ИТ компании од земјата, за што студентите покажаа голема заинтересираност. Присуството на компаниите и интересот кај студентите покрај раководството и академските кадри од Факултетот, високо е оценето и од проректорката за студентски работи на УКЛО, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, особено затоа што ваквите настани претставуваат своевиден мост за поврзување на студентите од ФИКТ со реномирани компании од ИТ секторот.

Во рамките на Саемот се одржа и Панел дискусија на тема: ,,Какви ИТ знаења им се потребни на компаниите”.

Воедно на Факултетот се одржува интересен Хакатон: Здрава околина. На маратонот по програмирање, пријавените студенти работат на различни проекти – апликација за заштита на околината (мобилна, веб, десктоп), апликација за паметни градови, паметни патишта, паметен дом, апликација за спорт и релаксација за подобрување на здравјето, и сл.

Настанот на едно место ги собира студентите креатори на идејни решенија кои се натпреваруваат во програмирање и дизајнирање иновации на една популарна и животна тема- здрава околина што на Хакатонот му обезбедува уште една, дополнителна вредност.