Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола традиционално се вклучи во одбележувањето на годишнината од депортацијата на битолските Евреи.
Во одбележувањата на 80 годишнината од овој потресен настан, на Конференцијата „Од Естер до Естер – Хероизмот на еврејските жени на Балканот“ на 8 март 2023 г. во својство на почесен гостин беше и ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски. Во поздравното обраќање тој меѓу другото ја потенцира и добрата соработката што УКЛО ја има со повеќе институции од Израел, а посебно со Бар Илан Универзитетот.
Во рамките на пригодното сеќавање, Ректорскиот колегиум на УКЛО составен од ректорот, проректорите и претседателот на Сенат, на 9 март 2023 г. учествуваше и на комеморативната церемонија, при што положи цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи кај Здравствениот дом „Наим Абраванел“. Раководството на УКЛО беше дел и од „Поворката на живите“ со која од Здравствениот дом до Железничката станица во Битола „оживеа“ последното патување на битолските Евреи, жртви на холокаустот, како своевиден меморијал – да не се заборави и да не се повтори!