На 27 и 28 јуни 2024, во Букурешт, Романија се одржа најновото издание на годишното генерално собрание на Конференцијата на ректорите од универзитетите-членки на Универзитетската франкофонска агенција за Средна и Источна Европа (C2R-ECO). Институција домаќин на настанот беше Букурешката академија за економски студии – една од најстарите членки на AUF во регионот, додека пак, од името на ректорот Неделковски, УКЛО го претставуваше проректорот за финансии и развој, проф. д-р Јове Димитрија Талевски.

Формирана во 2023 година, AUFC2R-ECO обединува околу 20 ректори од институциите членки од 11 земји во регионот, избрани на претходни консултативни состаноци и задолжени за реализација на активностите во рамките на три тематски комисии. На состанокот во Букурешт, претставници на тематските комисии ги презентираа најважните постигнувања во периодот од основањето на C2R-ECO, но и перспективите за понатамошна соработка и развој, во текот на наредниот едногодишен период, посебно во рамките на PIMEF (Меѓународна франкофонска програма за мобилност и вработливост).

Инаку, УКЛО е членка на AUF од 2018 година, а во јуни 2021, со промена на Статутот на Агенцијата, го промени својот статус од „набљудувач“ во „придружна членка“, со што ја потврди и зајакна својата позиција на универзитет што ја поддржува франкофонијата како дел од настојувањата за подобрување на процесите на интернационализација.