Педагошкиот факултет – Битола, единица на УКЛО, на 26.05.2023 г. го промовира преводот на англиски јазик на романот „Скршени крилја“ од авторката Милјана Павловска. Преводот е проект на дел од студентите од трета година на насоката Англиски јазик и книжевност при Педагошкиот факултет. Преведувачкиот тим, кој работеше под менторство на проф. д-р Силвана Нешковска, го сочинуваа студентките: Катерина Лазаревска, Џенет Рашити, Викторија Босилковска, Христијана Алексовска и Марија Јанковска.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, кој присуствуваше на промоцијата, рече дека со ова се потврдува стремежот на УКЛО да има соработка меѓу професорите и студентите надвор од формалните процеси на образование.

Студентите на овој преведувачки проект работеа во текот на зимскиот семестар од академската 2022/23 год. како дел од нивните испитни обврски по предметот „Англиските преводи на македонската книжевност“. Со него се продолжува праксата студентите да преведуваат на англиски јазик македонски литературни дела кои досега не биле преведувани. Со тоа студентите даваат свој придонес во доближувањето на македонската книжевност до странската читателска публика.

На промоцијата, која се одржа во Студенсткиот информативен центар на УКЛО, беа присутни и проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска и деканката на Педагошкиот факултет, проф. д-р Данче Сивакова Нешковски, а свое обраќање имаше и авторката на романот „Скршени крилја“ Милјана Павловска.