На 26.06.2024 во Ректоратот на УКЛО, Студентскиот Колорс магазин се доближи уште еднаш до студентската, академската и пошироката јавност, особено затоа што со своето раѓање од првиот број, објавен во чест на Денот на основањето на УКЛО, започна една успешна приказна што ги поврзува студентите од Алијансата. Промоцијата на Студентскиот магазин УКЛО КОЛОРС и најавата за Студентски новинарски клуб, поврзаа уште неколку интересни моменти во соработка со Македонско Американската Алумни Асоцијација, со чија поддршка, покрај Клубот за одржлив развој на УКЛО ќе се формира и Новинарски клуб што нуди простор за развивање на талентираноста на студентите и нивно пошироко вклучување во заедницата преку воннаставни содржини.

Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски нагласувајќи ја позитивната соработка на УКЛО со МААА, ја потенцира поддршката што УКЛО ја добива од нивни алумни кои се исклучителни по своите знаења кои се корисни за студентите. Тој  ја потврди подготвеноста на Универзитетот за максимална отвореност при заеднички активности.

За соработката меѓу УКЛО и МААА, говореше и проф. д-р Зорица Трајковска Стрезовска, претседателка на Асоцијацијата, при што истакна дека таа е прекрасна, формално е потврдена со меморандум за соработка и овозможува унапредување на волонтерска и воннаставна работа. Таа посебно го акцентира примерот на УКЛО, којшто според неа треба да го следат и другите македонски универзитети – со посебен правилник да се вреднува студентскиот активизам.

Академскиот раководител на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска,  со посебна радост се осврна кон реалното и ефикасно поврзување на УКЛО со МААА , како еден од начините на којшто функционира Алијансата КОЛОРС, чиј рамноправен партнер е УКЛО. Воедно, со задоволство  претстави дел од бројните активности со кои УКЛО обезбедува колоритност преку Алијансата КОЛОРС,  како модалитет за општествено растење благодарение на екосистемот на соработници на УКЛО.

Работниот дел на настанот беше посветен на промоција на Студентскиот Колорс магазин. Во име на редакцијата, професорката од Педагошкиот факултет, Силвана Нешковска резимирано ги претстави подготовката, преводот од македонски на англиски јазик, лектурата на прилозите и техничкото уредување на магазинот, процеси во кои се вклучени студенти од сите три циклуси и од сите единици на УКЛО. Таа истакна дека Студентскиот Колорс магазин е двојазичен, тоа е креативно студентско дело видливо и надвор од нашата земја.

За студентската вклученост во УКЛО гласилото што е своевидна трансверзала на соработка со нивни колеги од Aлијансата, под името STUDENTS OF COLOURS, говореа Ева Нешковска и Елена Шалевска, студентки од Педагошкиот факултет – Битола.

Проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска во повеќе наврати како модератор на настанот ги сподели добрите искуства и успешни приказни произлезени од соработката со МААА и дополнително збогатени со вклученоста на УКЛО во КОЛОРС Алијансата.

Алумнистка од МААА, новинарката Емилија Мисирлиевски,  во интересниот настан вклучи лично искуство и новинарски совети за студентите на УКЛО како потенцијални членови на Студентскиот новинарски клуб. Ги поттикна да бидат со отворен ум во потрагата по животни теми од нивното секојдневие кои се секогаш и актуелни и атрактивни. Студентскиот Колорс магазин го оцени како своевиден бисер со којшто се унапредува транспарентоста на УКЛО.

Претставникот од Амбасадата на САД, Газменд Иљази ги промовираше актуелните образовни програми за размена, по што настанот е заокружен со претставување на друштвено – едукативната и еколошка игра УКЛО ЕКО-УКЛО ВЕЛО, проект во рамки на Клубот за одржливо живеење, сместен во СИЦ, опиплив продукт од успешната соработка на УКЛО со Македонско Американската Алумни Асоцијација.