Со промоцијата  на доктори на науки  започнаа чествувањата за одбележување на Патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

На свеченоста што се одржа на 6.12.2023 г. ректорот, проф. д-р Игор Неделковски промовира 19 доктори на науки и тоа:  3 доктори на науки од областа на безбедноста, 7 доктори на науки од областа на туризмот, 2 доктори на организациони науки и управување-осигурување, 1 доктор на техничко- технолошки науки од областа на храна и иновативни технологии, 1 доктор на наставата по јазик, 1 доктор на науки од областа на надареност и талентираност, 2 доктори по образовни науки и 2 доктори на биотехнички науки.

Истакнувајќи дека промоцијата на доктори на науки е организирана во рамките на чествувањето на Патрониот ден на Универзитетот, ректорот Неделковски посочи дека овој традиционален настан со својата значајност и дава посебна свеченост на промоцијата во којашто се обединуваат науката и академските доблести, поткрепени со обврската на кандидатите да го почитуваат и да го чуваат достоинството на титулата доктор на науки како највисок достиг на научен индивидуален развој.

На чинот на свеченото прогласување на новиот научен подмладок, покрај  ректорот Игор Неделковски присуствуваа проректорите на УКЛО, претседателот на Универзитетскиот сенат, декани од единици на УКЛО и најблиски членови од семејствата на новите доктори на науки.

Настанот се одржа во Салата за состаноци на Ректоратот во комплексот Касарни – Битола.  Со најновата промоција, на УКЛО до денес докторирале 465 доктори на науки.