На 7.07.2022 година, во Ректоратот на УКЛО, се одржа прием на тројца студенти, како дел од побројна група млади со македонски корени, кои од почетокот на месецов започнаа тринеделен престој во Македонија, во рамки на програмата „Родум од Македонија“.

Проректорот, проф. д-р Игор Неделковски од името на УКЛО им посака срдечно добредојде и го истакна значењето на поврзувањето, во кое УКЛО е едно значајно јадро за воспоставување врски со факултетите и универзитетите од кадешто доаѓаат, за отворените можности за трансфер на знаења, бизниси и поврзување со стопанството од Регионот.

            Програмата „Родум од Македонија“  има активна поддршка и од УКЛО, со учеството на студенти и академски кадри меѓу кои професорките, д-р Рената Петревска Нечкоска и д-р Мимоза Богданоска Јовановска како предводници во тимот соработници и организации, кои во рамки на своето академско дејствување и волонтерски ентузијазам, за прв пат овозможи поддршка на програмата и во Битола која низ сите фази на подготовка и реализација медиумски е покриена од универзитетското радио УКЛО ФМ.

            Во рамки на пригодата, проф. д-р Мимоза Богданоска Јовановска истакна дека главниот фокус на престојот на младите претставници од дијаспората е ставен на пракса што ги поврзува со реалниот сектор за да стекнат сознанија за функционирање на институциите во нашата држава. На УКЛО студентите ќе посетат неколку единици поврзани со нивните профили и воедно, ќе се запознаат со секојдневниот живот и предизвиците, убавините на родниот крај  и културното наследство.

Напорите на претставниците од УКЛО кои се вклучени во програмата се во  насока на воспоставување и одржување контакти и пријателства со нивните врсници во Македонија, за да се јакне довербата, да се соочуваат со заеднички предизвици и да се придонесе за поинтензивна соработка низ трајни механизми инспирирани од важноста на поврзувањето на дијаспората со матичната држава.

Инаку, програмата Birthright Macedonia односно „Родум од Македонија“ се одржува по шести пат. Оваа година учествуваат 12 студенти од САД, Канада, Велика Британија и Швајцарија и за прв пат истата се спроведува и во Битола.